Blog

На муабет со Оперативниот директор на SEUUTechCamp - Гого Рафајловски

Гого Рафајловски е ментор за иновации, стартап аналитичар и човекот кој знае да ги одговори повеќето прашања поврзани со авторски права и заштита на интелектуална сопственост 

  1. Кој е Ѓорѓи Г. Рафајловски и што работи?

Во моментов, работам како Оперативен менаџерна SEEUTechPark, првиот Технолошки Парк во Македонија.Ние ги поамагаме иновативните старт-ап и спин-оф бизниси кон нивниот забрзан раст и развој надвор од земјата. Ова го правиме преку серија на структурни и индивидуални програми – специјално дизанирани за секоја компанија одделно.

Инаку, моето тековно 12-годишноискуство е поврзано со старт-ап центри и бизнис-инкубатори,кое успевам да го комбинирам со академското знаење како Магистер по интелектуална сопственост, специјализиран за вреднување на трговските марки и нематеријалните средства.

2.Може ли да објасните нешто повеќе за интелектуалната сопственост и што таа претставува?

Во најкратки црти, интелектуалната сопственост претставува токму тоа –еден вид на сопственост, која што малкумина индивидуи и бизниси не се свесни дека ја поседуваат, затоа што не е изразена во стандардни форми како: пари, машини, опрема, алати или згради.

Всушност, тоа се нематеријалните творби, или невидливи добра, кои се производ на човечкиот креативен ум и интелект, и чија вредност на пазарот понекогаш е поголема од тоа што можеме да го претпоставиме.

3. Според вас, кои се 5-те најважни работи кои што еден стартап треба да ги знае?

Секој стартап, без разлика од која средина или земја доаѓа, добро е да ги знае следниве работи:

  • Во модерното општество, или општество базирано на знаење и ултра брз проток на информации – вештините, иновациите, брзината и алатките за нивно користење се највредното нешто што може да го поседувате.
  • Денес, најдобрите бизниси не се оние најголемите, туку оние бизниси кој најпаметно ги комбинираат: технологиите, информациите и дигиталните алатки на најефикасен можен начин за нив и нивните клиенти.
  • Ако правилно се искористи, интелектуалната сопственост може да ви додава вредност во секоја од фазите на раст за вашиот бизнис – од самата идеја, па се до меѓународна експанзија.
  • Сите ние траба да научиме да ги препознаваме, заштитиме и менаџираме правата од интелектуална сопственост, затоа што тоа носи дополнителна материјална вредност и поголеми финансиски придобивки.
  • Понегогаш, воопшто не е скапо за еден стартап да заштити конкретно дело, бизнис-план или индустриски дизајн, ако мудро се постапува.

4.Мене лично ми беше најинтересно кога разговаравте за трговските тајни. Која е разликата помеѓу заштитата на трговска тајна и патентна заштита?

Трговска тајна е генерално било каква доверлива информација, ставена на материјална подлога. Иако, постојат минимум критериуми кои мора компанијата да ги исполнува за да ова се ефектуира, всушност е многу лесен и евтин начин да заштитите некоја деловна информација од вашата конкуренција.

Од друга страна пак, патентите се стекнати права врз основа на формална регистрација на одреден пронајдок, кој обезбедува т.н. „монопол“ на бизнисот за одреден временски период. Процесот на патентирање за еден стартап е обично прилично долг и поскап процес, поврзан со административни и регулаторни постапки.

Но, на самиот стратап останува да одбере соодветена стратегија, или комбинација од стратегии кои можат барем нинимално да заштитатнекои аспекти кои се важни во нивното работење.

На пример, малкумина знаат дека големата компанија „Coca Cola“, својата тајна формула за кола ја нема патентирано, туку има превземено соодветни чекори за нејзина заштита како трговска тајна. Ова доаѓа од простата причина што рокот на трговските тајни е неограничен, во споредба со официјалната заштита преку патентирање, која трае само одреден временски период. Паметно, зарем не?

art-brand-car-4081

5.Како да се заштитиме меѓународно како бренд?

Ова е едно од најчестите, но и најкомплексните прашања за одговор кога станува збор за правата од интелектуалната сопственост. Едноставниот одговор е – не постои еден единствен процес и унифициран критериум да се заштитите како компанија или бренд.

Обично тоа е континуриран процес кој комбинира успешна работа, вложување во иновации, маркетинг и продажни активности, но и многу други параметри.

Она што треба да го правите, е да утврдите кои аспекти од бизнисот, работењето или брендот ви се важни во овој момент, и како најдобро и најефикасно да го заштитите тоа што во моментот го поседувате, тоа што може да ви донесе предност пред конкуренцијата, и да работите на таа заштита.

Строго е препорачливо да се советувате со правни и стручни лица, за најефикасна заштита на вашиот бизнис. Не гледајте примери од други светски или мега-успешни компании кои не се применливи во нашата средина.

6.Што е трансфер на техонлогии и како можеме да го заштитиме програмскиот код?

Трансфер на технологии претставува пренос, или отстапување на конкретно право од интелектуаланата сопственост, во комбинација со други права, на трети лица. Најчест пример за ова се: лиценците, франшизите, договор за т.н. ‘know-how’, класични консултантски услуги и најпопуларното во старт-ап заедницата: NDA (Non-Disclosure Agreement).

Старт-ап бизнисите кои работат во софтверската индистрија се често недобро информирани за тоа кој е најдобар начин да го заштитат компјутерскиот код.

Важно е да се нагласи, дека корпусот на права од интелектуална сопственост се различно регулирани во земјите од англо-саксонскиот и континенталниот правен систем, а дополнителен проблем преставува фактот што истите тие во рамкките на Евро-континенталниот систем и не се докрај хармонизирани. Особено кога станува збор за софтвер или компјутерски имплементирани пронајдоци, а мошне специфично кога софтверот претставува спроведување на некој бизнис метод.

Па така, генерално, софтверот е заштитен од самото креирање како авторско дело без потреба да се патентира, но во САД на пример, можно е и нагово патентирање. Низ Европа пак, начелно компјутерската програма што имплементира бизнис процес не е изум, но компјутерска програмата што имплементира индустриски процес може да биде.

Понекогаш е доволно да се искомбинираат повеќе методи на заштита, за да се добие најадекватаната за вашиот бизнис или старт-ап… која патем, можеби и нема да ве чини скапо.

7.Што е индустриски дизајн и дали може дизајнот да се заштити?

Индустрискиот дизајн е право на индустриска сопственост со кое се штити нова форма на: тело, слика, цртеж, контура, композиција на бои или нивна комбинација, и да тој подлежи на формална заштита проследена со соодветна апликациска процедура.

Она што е важно да се напомене е дека, заштитата преку индустрискиот дизајн се однесува само на естетскиот аспект, односно на надворешниот изглед на производот, а не на неговите фукционалности.

8.Дали народен дезен подлежи на заштита преку дизајн?

Не, затоа што народното творештво обично спаѓа во доменот на јавно добро. Сепак, современите адаптации и толкувања на традиционалните дизајни направени од страна на поединци може да бидат доволно „оригинални“ и „нови“,оттука и подобни за заштита преку индустриски дизајн.

9.Објаснете на кратко што е GDPR.

General Data Protection Regulation (GDPR)е новата Регулатива на ЕУ за заштита на лични податоци. Регулатива се однесува на заштитата на личните податоци и слободното движење на податоци, а целта на истата е хармонизација на легислативата во цела Европа, да ја подигне на повисоко ниво заштитата на личните податоци во чекор со новите дигитални достигнувања и различните цели и начини на кои се обработуваат личните податоци.

Интервју: Беркан Асановски

Дизајн: Марија Димовска